Aykut Karadağ
22 Август 2021•Ажурирај: 23 Август 2021
КАБУЛ (АА) - Турските и азербејџанските војници се на должност заедно во и околу Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, каде што се собираат голем број луѓе со цел да ја напуштат земјата откако талибанците го зазедоа Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турските и азербејџанските војници, работејќи според мотото „една нација, две држави“, се во координирана мисија за евакуација на Турците од земјата зафатена со војна.
Азербејџанските војници изјавија дека се горди што им помагаат на своите турски браќа и сестри.
„Ние сме на мисија во Авганистан. Ние ги извршуваме нашите должности заедно со нашите турски браќа. Им помагаме“, рече Аназ Бабаев, азербејџански војник.

Војникот Сагават Казимов истакна дека служат во истата област со турските војници. „Го поздравувам моето семејство, семејствата на сите војници. Сè е добро. Се надевам дека безбедно ќе се вратиме во нашата земја.“
Хабиб Хасанов, друг азербејџански војник, рече дека им помагаат на нивните турски браќа и сестри и дека „секогаш се подготвени да помогнат“.
„Работиме заедно со турските војници секоја секунда и сме горди на тоа“, рече Кисмет Мусајев.
Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан по преземањето на Кабул на 15 август, кога претседателот и другите високи функционери ја напуштија земјата.
Неочекуваното преземање на моќта предизвика хаотичен наплив за бегство од Авганистан. Земјите ги евакуираат своите државјани, дипломатите и одредени Авганистанци кои работеа заедно со западните сили и стравуваат за нивната безбедност. Голем број луѓе се собираат секојдневно на аеродромот во Кабул со надеж дека ќе им биде дозволено да ја напуштат земјата.