Ecenur Çolak
25 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција, во соопштението објавено по повод пораката на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со настаните од 1915 година, бара од САД да не се водат според неточните информации и класификации во врска со таа тема, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сметаме дека се неточни информациите и класификациите од соопштението на претседателот на САД во врска со настаните од 1915 година, како резултат на многубројните пропагадни методи што низ годините во САД ги применуваа радикалните ерменски кругови. Од САД очекуваме да не се потпираат на еднострани толкувања на историјата, туку да се свртат на пристапот што ќе ги земе предвид болката и страдањето на сите страни“, се порачува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
Трамп во својата порака го користеше изразот „голема катастрофа“.
Министерството смета дека во пишаната порака на Трамп се наведуваат низа погрешни информации и класификации, што е предизвикано од дејствувањето на радикалните ерменски кругови во САД.
Во соопштението на министерството се спомнува и дека во ерменската патријаршија во Истанбул, и оваа година на 24 април е одржана верска церемонија во чест на османлиските Ерменци што загинаа во Првата светска војна.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати порака до патријаршијата, која им беше прочитана на присутните на турски и на ерменски јазик.