Şerife Çetin
15 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека 20 отсто од азербејџанските територии веќе 30 години се под ерменска окупација, дека Ерменија денес ја напаѓа и азербејџанската територија која не е под окупација и дека тоа претставува воено злосторство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу говореше на церемонијата по повод почетокот на новата универзитетска година на Меѓународниот турско-казахстански универзитет „Хоџа Ахјет Јесеви“, а во таа пригода зборуваше и за ерменските напади во Нагорно Карабах.
Турскиот министер изјави дека во околината на Турција има потенцијални судири, и додаде: „Во нашиот регион постојат агресивни држави. Агресијата на Ерменија кон Азербејџан уште еднаш ни го покажа тој факт.“
Тој напомена дека 20 отсто од азербејџанските територии се под ерменска окупација веќе 30 години.
„Ерменија исто така ги напаѓа азербејџанските територии кои не се под окупација. Овие постапки на Ерменија се воено злосторство“, изјави Чавушоглу.
Тој нагласи дека е потполно легитимно Азербејџан во една таква ситуација да ја штити својата територија и својот народ. Според неговите зборови, одредени актери молчеа на фактот дека Азербејџан во оваа ситуација е жртва и ги изедначија „окупаторот и жртвата“.
Чавушоглу нагласи дека Турција секогаш ќе биде со азербејџанските браќа во нивната праведна борба.
Зборувајќи за заканата на терористичката организација ФЕТО, одговорна за обидот за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, Чавушоглу изјави дека ФЕТО претставува опасност за многу братски земји на Република Турција, меѓу кои и за Киргистан.
„Зад случувањата [во Киргистан], еден од главните актери е ФЕТО и неговата структура во таа земја. По предавничкиот обид за пуч во Турција, лично предупредив на распространетата структура на ФЕТО во братскиот Киргистан и дека еден ден може да нанесе штета на таа земја. Нашите браќа во Киргистан тоа денес го видоа со свои очи“, изјави Чавушоглу.