Mehmet Tosun
30 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, за време на гостувањето во заедничката програма на телевизиите „НТВ“ и „Стар“ истакна дека операцијата „Штитот на Еуфрат“ во Сирија е завршена, јавува Anadolu Agency (AA).
„По овој момент, дали се работи за ДЕАШ или за некој друг што на некој начин ѝ се заканува на нашата безбедност, односно каква акција и да започнеме, тоа ќе биде нова операција“. Имено, операцијата ‘Штитот на Еуфрат’ е завршена и по овој момент, доколку постои потреба, операцијата што ќе се изведува ќе биде под друго име, изјави Јилдирим.
Операцијата „Штитот на Еуфрат“ започна на 24 август, во северниот дел на Сирија, со цел да се неутрализира терористичката закана, особено ДЕАШ, како и со цел да се зајакне безбедноста во сириско-турскиот пограничен појас. Офанзивата ја спроведуваа сириските опозициски сили, а во согласност со меѓународното право на самоодбрана, тие беа поддржувани од турските сили.
Јилдирим исто така изјави дека е неморално САД, сојузникот на Турција, да им доставуваат оружје на ПЈД/ЈПГ во Сирија.
„Тоа претставува закана за нашата внатрешна и надворешна безбедност. Пред сѐ, тоа не е морално. Не им доликува на САД да имаат работа со терористичката организација, а не им доликува затоа што се сојузници на Турција. Уште поважно, споменатите терористички елементи се блиски со ПКК. Ова е рефлексија на истата организација под различно име. Тоа е нашиот став“, изјави Јилдирим, додавајќи дека оружјето што САД го доставуваат завршува во рацете на ПКК.
Тој на крајот додаде дека ова прашање ќе биде изнесено и за време на посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, за САД да го соопштат овој став.