Zülfiya Yakup
23 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ПРИШТИНА (АА) - Трансформацијата на Косовските безбедносни сили во Војска на Косово по законски пат, за Црна Гора е внатрешно прашање на една суверена држава, изјави денес во Приштина, министерот за одбрана на Црна Гора, Предраг Бошковиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Бошковиќ, по состанокот со министерот на Косовските безбедносни сили (КБС), Рустем Бериша, кој го дочека со воени почести, порача дека трансформацијата на КБС во Војска на Косово е внатрешно прашање на Косово и дека Црна Гора не се меша во внатрешните прашања на соседните земји. Тој додаде дека тоа е прашање кое Приштина треба да го решава со своите главни партнери за доброто на сите и за промовирање мир и стабилност.
„Знаете дека Црна Гора е главен застапник на политиката на отворени врати и интеграција во НАТО, и ги поддржува другите. Ги прифаќаме и ги почитуваме сите тие различни мислења што постојат во регионот. Не е на Црна Гора за тоа да се изјаснува или да има кој било став по тоа прашање, едноставно ги почитуваме сите оние одлуки на суверените земји, а сметаме дека Косово е суверена земја“, изјави Бошковиќ.
Црногорскиот министер истакна дека односите меѓу Косово и Црна Гора се на високо ниво, но дека тие би можеле да бидат уште подобри и дека би можеле да бидат поттик на заеднички стремежи кон европските и евроатланските интеграции.
Тој рече дека Црна Гора, како најнова членка на НАТО, е голем поддржувач на сите во регионот и на т.н. политика на отворени врати на НАТО.

„Токму главната цел на нашата посета денес во Приштина е да покажеме дека сме чесен пријател на Косово, дека сме земја која сака да го пренесе целото свое искуство на европските и евроатлантските интеграции, и конечно, целиот регион да тргне по патот на интеграциите, односно по патот на општествениот напредок“, рече Бошковиќ.
Коментирајќи ја негативната реакција на Србија, по повод пристигнувањето на двајца припадници на Армијата на Црна Гора во мисијата на КФОР, тој рече дека КФОР е присутен во Косово многу време пред Црна Гора да стане членка на НАТО и дека официјален Белград постојано истакнувал дека КФОР е гаранција на мирот и стабилноста.
Министерот на Косовските безбедносни сили, Рустем Бериша, истакна дека го информирал Бошковиќ за постигнувањата на КБС и за почетокот на сеопфатниот план за транзиција на КБС, и дека зборувале за унапредување на односите во иднина.
„Црна Гора отсекогаш била и е многу важен партнер за косовското Министерство за безбедносни сили и ние сме убедени дека и во иднина таа ќе биде многу важен партнер за нас. Му се заблагодарив на министерот за посетата, но и за соработката и ангажирањето на Црна Гора во регионалната соработка во целина“, рече Бериша.
Црногорскиот министер Бошковиќ денеска беше примен и од косовскиот претседател Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај, а попладнето ќе го посети Главниот штаб на КФОР во Приштина каде што по првпат ќе биде подигнато црногорското знаме.