Ivana Ramadanova
14 декември 2015•Ажурирај: 15 декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, денеска во Домот на АРМ остварија работен ручек со членовите на Комисијата за одбрана и безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Според министерот Јолевски, ова е втора ваква средба со Комисијата за одбрана при Парламентот на Република Македонија.
"Со вакви средби почнавме минатата година, на крајот од годината, за да седнеме и да размениме мислења и ставови околу тоа како се движеле реформите на Армијата на Република Македонија изминатата година и кои се плановите за 2016 година. Ние имаме одлична соработка со Комисијата за одбрана и безбедност, но сметаме дека е добро еднаш во годината да направиме ваква заедничка средба со сите членови и да поразговараме", изјави Министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Пратеникот Емил Димитриев, вели дека ваквите средби треба да станат пракса со цел да се разменуваат мислења и идеи.
"Ова е убава можност да размениме мислења околу тековната состојба во одбраната и безбедноста во Македонија. Ние како членови од комисијата за одбрана со претставниците од Министерството за одбрана да ги сумираме резултатите од годината која што привршува и да разговараме за одредени приоритети кои што треба да бидат на агендата за следната година. Ова е добра пракса и треба да ја задржиме, да разменуваме мислења и идеи", изјави пратеникот Емил Димитриев.