Admir Fazlagic
09 Август 2018•Ажурирај: 10 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со врховниот командант на силите на НАТО за Европа и командант на Командата на американските сили во Европа, генералот Куртис М. Скапароти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Владата на Република Македонија, на средбата, премиерот Заев изразил благодарност за поканата за прием во Северноатлантската алијанса, истакнувајќи дека оваа значајна одлука на сојузниците на НАТО покажува дека Алијансата е силна и посветена на политиката на отворени врати.
„Потенцирајќи дека поканата за членство во НАТО е историско достигнување и сатисфакција за напорната работа и верување на сите наши граѓани, институции, политички партии и граѓанското општество во целост, премиерот Заев ја истакна широката поддршка од јавноста и сите етнички заедници за нашата аспирација“, се вели во соопштението.
Двајцата соговорници истакнаа дека членството во НАТО овозможува перспективна иднина за Македонија и се согласиле дека ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот и на поширокиот регион.
„Врховниот командант на силите на НАТО за Европа, американскиот генерал Скапароти, кој претходно со делегација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, предводена од министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, во касарната „Илинден“ присуствуваше на показна вежба, на премиерот Заев му упатил пофални зборови за припадниците на АРМ, оценувајќи дека покажале голема подготвеност и дисциплина соодветна на стандардите и процедурите на НАТО“, информираат од Владата.
„Пренесувајќи ја силната поддршка од Алијансата, генералот Скапароти искажа отвореност за соработка и помош, доколку на Македонија во наредниот период ѝ се потребни, за усогласување на неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО“, се вели во соопштението, и се додава:
„На средбата беше истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е позитивен пример за земјите од целиот регион на Југоисточна Европа, во насока на решавање на отворените прашања, за унапредување на добрососедските односи, што придонесува кон продлабочување на економската соработка и обезбедува напредок.“