БЛЕД (АА) – Во Словенија денес започна дводневниот 18. Бледски стратегиски форум, годинава организиран под наслов „Солидарност за глобална безбедност“, јавува Анадолу.
Претседателот на Владата на Република Словенија, Роберт Голоб, на свеченото отворање потсети дека на почетокот на месецот Словенија ја погодија најголемите поплави во историјата на земјата, во кои за неколку часа домовите ги изгубија 10.000 луѓе. Тој се заблагодари за помошта што на земјата ѝ е дадена од страна на Европската Унија, соседните земји и НАТО.
„Поголем дел од времето во Европа живееме под впечаток дека лошите работи се случуваат далеку, во странство. Тоа веќе не е случај. Екстремните временски услови со кои се соочуваме секако се локализирана појава, но се случуваат поради глобалните случувања. И, да, никој од нас не може да ги избегне климатските промени“, рече тој.
Додаде дека единствена предвидлива работа во врска со климатските промени е тоа што тие нема да исчезнат сами од себе, напоменувајќи дека со овој проблем е можно соочување само на меѓународно ниво.
Тој истакна дека уште еден предизвик за Словенија за време на нејзиното членство во Советот за безбедност на Обединетите нации ќе биде како да се донесе мир во Украина.
Изрази благодарност до лидерите на земјите од Западен Балкан за присуството на Форумот. Порача дека кога станува збор за проширувањето на Европската Унија, многу работи се сменети по руската инвазија на Украина.
„Во следните 12 месеци, прилично сум сигурен, процесот на проширување ќе добие нов изглед“, рече повикувајќи ги лидерите да продолжат со реформите.
Истакна дека е потребна реформа на процесот и дека тоа или ќе се случи во следните 12 месеци или нема да се случи долго време.
„Словенија ќе продолжи да биде голема поддршка“, рече тој и додаде дека ќе направи сѐ што е потребно за да им се овозможи да станат „членки на нашето европско семејство, да го заземете местото што ви припаѓа“.
„Ниту еден од овие предизвици нема да биде лесно да се реши. Ќе мора да работиме напорно, да користиме многу пари, особено за помош на поплавените и за обнова, ќе биде потребно многу време, но мора да најдеме храброст и мудрост. И сакаме да покажеме дека можеме да изградиме подобар свет, свет заснован врз солидарност“, порача Голоб.
Тања Фајон, словенечката министерка за надворешни и европски работи, потсети на неодамнешните разорни поплави во Словенија и дека учесниците на Форумот можат да им дадат помош на погодените. Нагласи дека на светот му е потребно заедничко дејствување во соочувањето со кризите.
„Ниеден глобален предизвик не може адекватно да се реши без глобална акција, а ниту една глобална акција не може да се подготви и спроведе без солидарност и компромис“, нагласи Фајон.
Војната во Украина и другите вооружени конфликти во светот, глобалните нарушувања во снабдувањето со храна и енергенти, сиромаштијата и пандемијата на КОВИД-19 повикуваат на заедничка акција, а, според Фајон, потребно е да се дејствува веднаш.
„Ако не почнеме веднаш да ги решаваме проблемите, нашата генерација и генерациите што доаѓаат ќе платат голема цена. Овој свет драматично ќе се промени и поради природните катастрофи и вооружените судири“, наведе таа.
Фајон како најголема потенцијална пречка за глобалната солидарност и безбедност во иднината го издвои популизмот и го карактеризира како политички метод што вклучува искривување и фалсификување на фактите, со кој намерно се создаваат тензии во општествата и претставува предизвик за науката, здравиот разум и основните вредности.
Говорејќи за судирите во светот таа истакна дека сакаат што поскоро да видат мирно решение во Украина.
На лидерскиот панел што ќе се одржи денес ќе учествуваат лидерите од регионот, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски; претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто; премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ; премиерот на Бугарија, Никола Денков; премиерот на Словенија, Роберт Голоб; премиерот на Косово, Албин Курти; премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, како и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
На маргините на дводневниот Форум во Блед ќе бидат одржани голем број билатерални средби.
Бледскиот стратегиски форум е водечка конференција во Централна и Југоисточна Европа. Се одржува секоја година на крајот на летото во живописната алпска природа на Бледското Езеро во Словенија.
news_share_descriptionsubscription_contact


