Zülfiya Yakup
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
ПРИШТИНА (АА) - Стотици работници од приватниот сектор се собраа денес на симболичен протест во организација на Независниот синдикат на приватниот сектор и Здружението на независни синдикати на Косово, по повод 1. Мај – Меѓународниот ден на трудот, јавува Anadolu Agency (AA).
Со трансперенти во рацете, испишани со барањата на работниците, демонстрантите најпрво се собраа пред седиштето на Здружението на независни синдикати на Косово, а потоа маршираа до плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина, каде што се одржаа говори.
Од протестот, до Владата и до приватните компании се упатени шест барања: минимална плата од 300 евра, плаќање стаж во приватниот сектор, исто како и во јавниот, намалување на работниот стаж од 15 на 10 години за можноста за пензионирање, формирање на Судот за труд, примена на Законот за труд, Законот за безбедност и здравје при работа и колективни договори, како и превенција на смрт на работното место.
Јусуф Аземи, претседател на Независниот синдикат на приватниот сектор, истакна дека од почетокот на 2016 година до денес, на работното место животот го загубиле 18 работници, бидејќи немаат соодветни услови за работа, ниту заштита.
Незадоволството на работниците е огромно, а позицијата им е речиси робовска, изјави Аземи. Тој истакна дека само пет отсто од вработените во приватниот сектор имаат работен стаж.
„Фактот дека над 50 отсто од работниците во приватниот сектор немаат елементарни услови за работа е без коментар. Повеќе од 30 отсто од договорите што ги имаат работниците се месечни договори, кои се незаконски. Додека работниците во јавниот сектор добиваат зголемување на платите одвреме-навреме, во приватниот сектор нема промени од 2011 година, и минималната плата е од 130 до 160 евра“, изјави Аземи.
На насобраните им се обрати и Авни Ајдини, потпретседател на Здружението на независни синдикати на Косово, кој нагласи дека во Косово владее анархија и дека досега никој не одговарал за смртта на работниците на работните места.
Тој изјави дека, за жал, на денешниот протест излегле малкумина работници бидејќи се плашат да протестираат.
„Нема безбедност на работното место, сите вие сте сведоци. Погледнете го градежништвото, се качуваат на висина без чевли, без заштитни појаси, без ништо, и доаѓа до несреќи“, истакна Ајдини.
Исто така, тој изјави дека власта ги продала сите фабрики, ги лаже граѓаните дека отвора работни места, а всушност ги отвораат само за своите семејства. Еден од учесниците на протестот е и Фехим Бислими, кој е вработен во едно од училиштата во Приштина, но и во приватна фирма. Тој во изјава за АА вели дека дошол да ги бара своите права.
„Грев е за нашата држава еден работник со 200 или 130 евра да издржува семејство, да образува деца, да плаќа струја, вода, сѐ, кога се знае дека тие (пратениците) имаат околу 15 пати поголеми плати“, изјави Бислими.
Во приватниот сектор во Косово се вработени околу 230.000 работници, што е трипати повеќе отколку во јавниот сектор.