Malik Hasa
27 Март 2017•Ажурирај: 28 Март 2017
ТИРАНА (АА) - Министерот за животна средина на Албанија, Лефтер Кока, министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Башким Амети, и косовскиот министер за животна средина, Ферат Шала, денес во Тирана одржаа средба на високо ниво, на којашто беше претставен проектот „Управување со прекуграничниот екосистем“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во официјалното соопштение од Министерството за животна средина на Албанија се вели дека за време на состанокот, тројцата министри за животна средина разменија мислења за натамошните чекори за спроведување на тројната заедничка визија меѓу земјите, потпишана во 2013 година за „Заштитена прекугранична зона на регионот Шар / Шар Планина / Кораб-Коритник“, регион кој моментално е дел од проектот што беше претставен на денешната средба.
Според соопштението, во својот говор, министерот Кока ја истакна важноста на регионалната соработка за развивање на проектот.
„Заедничката волја е клучот за овој проект и другите проекти меѓу нашите земји да бидат остварливи. Честопати средствата или државните капацитети не се тие што овозможуваат да се спроведе финализацијата на соработката, туку волјата за усовршување на таа соработка. За она што се потпишува од наша страна или за тоа за што се согласуваме, треба да имаме волја, која е од клучно значење за спроведување на секој заеднички проект“, рече Кока.
Министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија, Башким Амети, за време на состанокот нагласи: „Ја потврдуваме подготвеноста на нашата Влада, врз основа на потпишувањето на договорот во 2013 година меѓу трите земји и заедничката визија за унапредување на прекуграничните области. Придонесуваме за поефикасна заштита и за исполнување на глобалните цели за биолошка разновидност“.
Од друга страна, косовскиот министер за животна средина Ферат Шала ја нагласи подготвеноста за реализирање на проектот: „Ние сме подготвени. Имаме подготвени механизми и капацитети за да се овозможи овој проект. Природата, флората и фауната се неспоредливо поважни од бариерите“.