Agim Sulaj
06 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
ПРИШТИНА (АА) - Стотици воени ветерани под водство на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово одржаа протест пред Парламентот на Косово со барање да не бидат исклучени од категориите на кои ќе им биде покачена минималната плата, а настанаа и тензии на протестот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестот започна пред почетокот на најавената седница на Парламентот, каде што една од точките од дневниот ред е и „гласање на прво читање на нацрт-законот за измена и дополнување на законите со кои се утврдува висината на надоместокот на минималната плата, процедурите за утврдување на минималната плата и даночните стапки на годишниот персонален приход“.
Челникот на оваа организација, Фатон Клинаку, рече дека пратениците не треба да ги исклучат ветераните од овој нацрт-закон и дека не треба да донесат каква било одлука без да се консултираат со ветераните. Тој рече дека ќе продолжат со протести сè до исполнување на нивните барања.

По обраќањето на Клинаку, ветераните влегоа во дворот на Парламентот и се упатија кон внатрешниот дел на Парламентот, но полициски кордон веднаш беше поставен пред вратите на оваа зграда и не им дозволи влез на демонстрантите.
На протестот беше употребен и солзавец, додека полициските сили во знак на почит кон оваа категорија граѓани на демонстрантите им поделија вода.
Меѓу другото, Демократската партија на Косово излезе со став против овие законски измени. Пратеникот на оваа партија, Хисен Бериша, излезе од Парламентот за да разговара со изреволтираните ветерани. Бериша, кој е еден од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово, ги увери ветераните дека ќе направи сè за да не помине овој нацрт-закон.
Од друга страна, Полицијата на Косово објави соопштение во кое се наведува дека полициските сили не употребиле солзавец за време на протестот, и дека се грижеле за одржување на редот и јавниот мир.
„Постои сомнение дека гасот е користен од страна на лица/демонстранти“, се вели во полициското соопштение.
Во ова соопштение се вели дека во немирите на протестот биле повредени двајца полицајци и еден граѓанин.
Парламентот на Косово немаше кворум за гласање на нацрт-законот за минимална плата.