ПРИШТИНА (АА) - Обвинетиот Јакуп Красниќи, портпарол на поранешната Ослободителна војска на Косово, на своето прво пристапување во судницата на Специјализираните совети на Косово во Хаг се изјасни дека не е виновен по обвинението против него за воено злосторство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јакуп Красниќи по прочитаната кратка верзија на обвинението против него во предметот „Специјализиранот обвинител против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими“, иако не мораше денес да се изјасни за вината, се изјасни.
„Јас се изјаснувам дека не сум виновен, нема ни што да ми се префрли, не сум виновен за ништо“, одговори Красниќи на прашањето на судијата Никола Гију да се изјасни за вината.
Судијата Гију изјави дека обвинението против Јакуп Красниќи е потврдено на 26 октомври 2020 година и дека обвинетиот е обвинет во 6 точки за злосторства против човештвото и во 4 точки за воено злосторство: прогон, затворање и други нехумани постапки, тортура, присилно исчезнување на лица и убиство.
Според судската службеничка, Красниќи е обвинет под 1) за прогон - злосторство против човештвото, 2) затворање - злосторство против човештвото, 3) произволно затворање - воено злосторство, 4) други нехумани постапки - злосторство против човештвото, 5) воено злосторство - сурово постапување, 6) злосторство против човештвото - тортура, 7) воено злосторство - тортура, 8) злосторство против човештвото - убиство, 9) воено злосторство - убиства и точка 10) злосторство против човештвото - присилни исчезнувања на лица.
„Тие кривична дела се сторени приближно во период од април 1998 до август 1999 на повеќе места во Косово и во северна Албанија“, се наведува во обвинението. Делата се сторени во местата на Општина Подујево, Глоговац, Урошевац, Гњилане, Ѓаковица, Качаник, Липљан, Скендерај (Србица), Малишево, Клина, Ново Брдо, Приштина, Призрен, Сува Река, Витина, како и во Кахан и Кукеш во северна Албанија.
„Кривичните дела од точките 1, 2, 4, 6, 8 и 10 се направени во рамките на поширокиот или систематски напад против цивилното население на Косово и северна Албанија најдоцна од март 1998 до септември 1999 година. Конкретно цел на тие кривични дела беа оние што се сметаа за противници, за кои се сметаше дека под еден, соработувале или имале поврзаност со силите, чиновниците или државните институции на Сојузна Република Југославија, или под два, дека не ги поддржувале целите или методите на Ослободителната војска на Косово и подоцна привремената Влада на Косово, меѓу кои беа лицата поврзани со Демократскиот сојуз на Косово и лицата од српска, ромска и друга националност“, се наведува.
Кривичните дела од точките 3, 5, 7 и 9 се извршени над лицата што не биле активни учесници во судирите меѓу ОВК и силите на СРЈ и Република Србија, како што се војската, полицијата и другите формации што за нив се бореле.
„Во однос на тие кривична дела постои добро втемелен сомнеж дека Јакуп Красниќи е кривично одговорен како припадник на здружениот злосторнички потфат, бидејќи знаел дека таквите кривични дела можат да бидат извршени и свесно се согласил на тој ризик и нa помагање на тие кривични дела. Постои добро втемелен сомнеж дека е одговорен како претпоставено лице“, се вели во обвинението.
Обвниетиот Красниќи се пожали на третманот што го имал на 4 ноември при апсењето и префрлањето во Хаг, велејќи дека никогаш во ниту еден случај не се однесувал така спрема некое лице.
„Бев во војна, се боревме против Србите кои извршија геноцид во Косово. Никогаш не би се скрил, никогаш не сум сторил ништо против цивили. Се обидовте да ги поделите Албанците на католици и муслимани, тоа е навредливо“, рече Красниќи.
Тој рече дека злосторничките потфати биле оние од Србија, а не борбата на народот на Косово за слобода и создавање држава, во која е добиена поддршка од САД, ЕУ и другите демократски држави.
„Моите должности беа јавни, мојата главна должност беше да бидам портпарол на ОВК, а по војната бев и министер и претседател на Собранието на Косово, а најголемо задоволство ми беше да бидам портпарол на ОВК“, рече Красниќи.
Тој истакна дека верува оти е направена неправда против него и дека би се срамел доколку е точно што било од тоа што се наведува во обвинението.
Првото појавување на обвинетиот Красниќи можеше да се следи преку интернет, со мало задоцнување на веб-страницата на Судот.
Хашим Тачи, Кадри Весели и Реџеп Селими доброволно му се предадоа на Судот на 5 ноември по информациите за обвинението. Јакуп Красниќи беше уапсен на 4 ноември по 10-часовен претрес во неговиот дом во Приштина и пренесен во Хаг. Во првата изјава од Хаг се вели дека сите четворица обвинети на „4 и на 5 ноември, по апсењето, биле донесени во притворскиот центар на Специјализираните совети на Косово во Хаг“.
Претседателот на Косово во оставка, Хашим Тачи, пред судијата за прв пат излегува денес, додека Весели и Селими ќе се појават пред судијата утре и задутре (10 и 11 ноември).
news_share_descriptionsubscription_contact
