Besar Ademi
07 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
СКОПЈЕ (AA) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во врска со ангажирањето на пратениците во кампањата за референдумот за името што ќе се одржи на 30 септември оваа година, соопшти дека 71 пратеник изјавиле дека ќе се вклучат во кампањата „за“, додека 49 пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека нема да учествуваат во референдумската кампања, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратениците на Собранието на Република Македонија, вчера одржаа седница, а активностите на кампањата се очекува да започнат в понеделник.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната конференција за медиумите, пред почнувањето на кампањата рече дека самото прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, во себе ја содржи стратешката определба за која се залага секој претставник на граѓаните од независноста на Република Македонија до денес.
„Денес сме овде како координативно тело да ја информираме јавноста дека како овластени носители на кампањата, ќе ја водиме транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди, и со почитување на волјата на секој граѓанин. Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и ЕУ, кое не подразбира само заштитени граници, заедничка надворешна политика и отворени патишта за нашите граѓани, туку и повеќе странски инвестиции, работни места, поголем пазар за пласирање на производи, повеќе можности за образование и напредок на младите генерации“, изјави Џафери.
Во кампањата на Собранието ќе се вклучат 71 пратеник од сите пратенички групи, со исклучок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која го извести Џафери дека нема да учествува во кампањата и дека бара средствата да бидат потрошени за други цели.
Потсетуваме, на 30 јули Собранието на Република Македонија донесе одлука да распише референдум за Договорот за името што ќе биде консултативен. Референдумот ќе се одржи на 30 септември оваа година.
Референдумот е дел од Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија.
Во пресрет на референдумот закажан за 30 септември, Скопје го посетуваат високи претставници на меѓународната заедница, вклучувајќи го и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој вчера за време на посетата на земјата изјави дека НАТО е подготвено да ја прими Македонија како 30. членка на Алијансата, но додаде дека за тоа ќе мора да одлучи народот на референдумот на 30 септември.
Денеска, во посета на Македонија престојува австрискиот канцелар Себастијан Курц, а за утре е најавена посета на германската канцеларка Ангела Меркел.