Ömer Tuğrul Çam
06 Јули 2021•Ажурирај: 07 Јули 2021
БРИСЕЛ
Според податоците што ги објави Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), во ЕУ, која има вкупно население од 450 милиони жители, околу 225 милиони луѓе се вакцинирани барем еднаш од почетокот на годината досега. Бројот на луѓе на кои им се дадени две целосни дози или вакцини што се даваат во една доза и се сметаат за „целосно вакцинирани“ надминува 147 милиони.
На тој начин, 61,5% од возрасната популација во ЕУ ја примила барем првата доза на вакцината, додека процентот на целосно вакцинирани возрасни лица достигна 40,2%.
Со овие бројки ЕУ се доближи до зацртаната цел „да се администрира барем првата доза на вакцини врз 70% од возрасната популација во ЕУ до јули“ поставена од Комисијата на ЕУ, но сепак целта сè уште не е во потполност исполнета.
- Највисока стапка на вакцинирани во Белгија, најниска во Бугарија
Кога индивидуално ќе се погледнат земјите членки, се забележува голема разлика во стапките на вакцинација. На пример, во Белгија, каде што стапката на вакцинација е највисока, 78% од возрасните лица примиле барем една доза од вакцината, додека во Бугарија оваа стапка изнесува 17%.
По Белгија, земји со највисока стапка на вакцинирани возрасни лица се Холандија со 73,3%, Финска со 73%, Малта со 72% и Данска со 70,5%.
Земји од ЕУ со најниска стапка на вакцинирани по Бугарија се Романија со 30%, Летонија со 39%, Хрватска со 43,7%, Словачка со 44,3% и Словенија со 46,7%.
Стапката на вакцинирани меѓу останатите земји членки на ЕУ се движи од 50 до 60%. Првата доза е администрирана кај 67,4% од возрасните во Италија, која е една од најнаселените земји во ЕУ. Следуваат Шпанија со 65%, Германија со 64,2% и Франција со 63,6%.
Во ЕУ се дистрибуирани повеќе од 430 милиони дози вакцини во земјите на ЕУ, од кои се администрирани приближно 364 милиони дози.
Досега во Европската Унија се одобрени за употреба вакцините произведени од компаниите „БајоНТек-Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“. Вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се дава како единечна доза, додека со останатите, луѓето се сметаат за „целосно вакцинирани“ доколку примат две дози.