Zehra Nur Düz
18 Март 2020•Ажурирај: 19 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се зголеми на 1.135, објавија локалните медуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Властите објавија дека 147 лица починале во текот на изминатите 24 часа, а биле откриени 1.192 нови случаи, со што бројот на потврдени случаи изнесува 17.361“, објави иранската државна телевизија која го цитираше заменик- министерот за здравство, Алиреза Реиси.
„Вкупно 5.710 лица се пуштени од болница откако закрепнале од вирусот“, додаде Реиси.
Првиот случај на коронавирус во Иран беше потврден на 19 февруари во Ком.
Турција, која во моментот има 98 потврдени случаи на коронавирус, минатиот месец ги затвори своите граници со Иран и ги суспендираше летовите.
Покрај Кина, Италија и Јужна Кореја, Иран е една од земјите кои се најмногу погодени од епидемијата на вирусот што се појави во декември минатата година.
Како дел од своите напори за спречување на ширењето на вирусот, Техеран презеде неколку мерки, вклучително и затворање на сите училишта и институции за високо образование, откажување на спортските настани и забрана за владините претставници да ја напуштат земјата.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави во кинескиот град Вухан, а потоа се прошири во најмалку 163 држави и територии во светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија на Ковид-19.
Во светот со коронавирусот се заразени повеќе од 198.000 лица. Од последиците на заразата починаа најмалку 7.990, а излекувани се 82.779 лица.