Seda Sevencan
30 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
АНКАРА (АА) - Турција можно е да ги отвори училиштата на 1 јуни доколку продолжи планираното нормализирање на состојбата предизвикана од пандемијата на коронавирусот Ковид-19, истакна турскиот министер за образование, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ако процесот на нормализација продолжи како што се очекува, ние ќе ги отвориме училишта на 1 јуни“, изјави министерот Зија Селчук за Си-ен-ен Турк.
Селчук претходно објави дека наставата на далечина во Турција ќе продолжи преку ТВ и преку онлајн часови до 31 мај, како дел од мерките за спречување на ширењето на Ковид-19 во земјата.
Турција започна со наставата на далечина на 23 март, а првата лекција на милиони ученици во Турција ја предаде министерот Селчук.
На 13 март, Турција објави дека наставата во сите образовни установи, од основните училишта до универзитетите, ќе биде суспендирана со цел да се спречи ширењето на вирусот во земјата.
Во Турција моментално има 117.589 заразени со коронавирусот, додека бројот на починати изнесува 3.081. Вкупно 44.040 пациенти се отпуштени од болниците по закрепнувањето од вирусот.
Во пандемијата досега починаа 225.900 луѓе во светот, дијагностицирани се над 3,17 милиони луѓе, додека најмалку 959.700 се излекувани, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.