Ahmet Gürhan Kartal
19 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
ЛОНДОН (АА) - Главните преговарачи за Брегзит од Европската Унија (ЕУ) и Велика Британија, денес соопштија дека е договорен транзицискиот преоден период, кој ќе го следи официјалниот датум на повлекување на Велика Британија од ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на прес-конференцијата, преговарачот на ЕУ, Мишел Барние, рече дека транзицискиот период ќе заврши на 31 декември 2020 година, и дека Велика Британија ќе ги почитува правилата и регулативите на ЕУ до тој датум, без никакво учество во политиките на донесување одлуки на ЕУ.
Нарекувајќи го Договорот како „одлучувачки чекор“, Барние рече: „Транзицијата ќе биде со ограничено времетраење“.
Тој објави Нацрт-законски текст во кој се прикажани договорените делови, но и делови за кои сè уште се преговара, и додаде дека двете страни се посветени на принципите, договорени уште во декември минатата година.
Преговарачот на ЕУ рече дека страните се согласиле во врска со правата на 4,5 милиони граѓани на ЕУ во Велика Британија и за 1,2 милиони британски граѓани во ЕУ.
По Брегзит, рече Барние, државјаните на ЕУ кои ќе пристигнат во Велика Британија за време на транзицискиот период, ќе ги добијат истите права, како и оние што веќе живеат таму.
Тој, исто така, потврди дека решението за регулаторно усогласување за Ирска, ќе биде дел од Договорот за повлекување како рамка, но додаде дека ќе се применува во случај да не се најде друго решение.
Заедно со Барние, британскиот државен секретар за повлекување од ЕУ, Дејвид Дејвис, рече: „Денес е направен значаен чекор во процесот за Брегзит“.
Тој истакна дека двете страни напорно работеле за да договорат временски ограничен период на спроведување.
Дејвис нагласи дека транзицискиот период не е само обезбедување краткорочна сигурност, туку и да може Велика Британија да почне да се подготвува за живот надвор од ЕУ.
Делегациите од двете страни ќе продолжат со преговорите за да постигнат целосен договор за правниот текст, откако ќе постигнат договор за улогата на Европскиот суд на правдата во Велика Британија, за правото на Велика Британија да преговара за идни трговски договори со земји кои не се членки на ЕУ, но и за прашањата поврзани со Гибралтар.
Условите од Договорот за транзицискиот период се очекува да се потпишат од страна на лидерите на ЕУ на Самитот што ќе се одржи оваа недела.
Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија (ЕУ) на 29 март 2019 година, по повеќе од 40 години членство во блокот.