Faruk Zorlu
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
АТИНА (АА) - Медитерански ураган придружен со обилни врнежи ја погоди Грција предизвикувајќи поплави, прекин на напојувањето со електрична енергија и блокирање на патиштата на многу места, јавува Anadolu Agency (AA).
Најтешко погодените региони од медитеранскиот ураган наречен Зобра, се јужните делови на подрачјето на Пелопенез и околу главниот град Атина.
Обилните врнежи и ураганските ветрови корнеа дрвја и поплавија многу домови и деловни простории.
Од Генералниот секретаријат на цивилната заштита е соопштено дека железничкиот сообраќај во јужниот дел на Грција е потполно запрен.
Противпожарните служби само во подрачјето на Пелопенез добија 640 повици за помош.
Поморскиот и воздушниот сообраќај се исто така отежнати, при што се откажани голем број летови на Меѓународниот аеродром во Атина и линии од пристаништето околу грчката престолнина.
„Најмалку три лица, вклучувајќи еден постар брачен пар се водат за исчезнати на островот Евбеја во источна Грција“, додаваат официјалните претставници.
„Уште еднаш сме соочени со пекол“, изјави за грчката новинска агенција АМНА, градоначалникот на централниот грчки град Карпениси, Костас Бакојанис.
„Цела ноќ се боревме против дождот и калта. Има огромна штета“, изјави тој, и додаде дека во најзагрозените региони е прогласена вонредна состојба.