АНТАРКТИК (АА) - ДИЛАРА ЗЕНГИН -
Светската рекордерка во слободно нуркање, Шахика Ерџумен, во рамките на третата турска научна експедиција на Антарктикот, првпат нурна во студените води на Антарктикот, јавува Anadolu Agency (AA).
Научната мисија е организирана под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател и под ингеренции на турското Министерство за индустрија и технологија.
Ерџумен, по неопходните подготовки, без боца со кислород, се нурна во водите во близина на антарктичкиот остров Кинг Џорџ.

Светската рекордерка во костим за нуркање, без специјална заштита од студот, изведе слободно нуркање кое траеше околу две минути.
Ерџумен оствари значителни достигнувања во Турција кога станува збор за нуркањето, а стана и првата спортистка Турчинка која без боца со кислород се нурна во водите на Антарктикот.
При нуркањето со неа беше и инструкторот по нуркање, Новозеланѓанецот Френсис Санекс. Ерџумен на тој начин им помогна на научниците во нивното истражување на континентот кој важи за природна лабораторија кога станува збор за климатските истражувања, геофизиката, биологијата и многу други научни гранки.
Таа им овозможи на научниците на Антарктикот да добијат примероци од седиментацијата на студените води на ледениот континент, во кои вкупно мина еден час.

Ерџумен на екипата на Anadolu Agency (AA), која исто така е дел од оваа научна мисија, им рече дека ова е еден од најгордите моменти во нејзиниот живот, и дека водата била исклучително студена.
„На Антарктикот сме, нуркавме, знаејќи го тоа, но навистина станува збор за студ кој ги отежнува условите. И за нас ова е прво нуркање од таков вид. Но дури и симболичното ширење на знамето во рамките на научната мисија на Антарктикот, прави да заборавиме на студот и болката. Ние сме исклучително горди“, рече Ерџумен.
Изрази надеж дека во согласност со временските услови, ќе има можност да нурка уште неколкупати.

Taa истакна дека ќе стори сѐ што може да им помогне на научниците во нивните истражувања. Упати благодарност до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и до министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, што ѝ овозможија да биде дел од мисијата и да ја претставува својата земја.
Шефицата на мисијата, Бурџу Озсој, за пионерското нуркање на Ерџумен и за истражувањата на кои работи тимот, го известила и министерот Варанк.
Според Меѓународниот антарктички договор од 1959 година, со Антарктикот управуваат Научниот совет за антарктички истражувања (SCAR) и Советот на менаџери на националните програми за Антарктикот (COMNAP).
Турција е потписничка на Антарктичкиот договор, но без сопствена научна база има само статус на набљудувач на континентот кој е предмет на голем број научни истражувања.
Со отворање на научна база, Турција ќе добие статус на советодавна земја и ќе стане дел од механизмот кој одлучува за Антарктикот.
news_share_descriptionsubscription_contact
