Mustafa Melih Ahıshalı
17 ноември 2016•Ажурирај: 17 ноември 2016
ТЕХЕРАН (АА) – Уличниот музичар, Иранецот Мухамед Бакир Шејхгермчи (32) вели: „Народот нѐ поддржува. Меѓутоа, поради притисокот од државата, имаме тешкотии во нашата уметничка изведба“, јавува Anadolu Agency (AA).
Шејхгермчи, кој свири на тамбурина (вид дајре) и создава традиционална иранска музика, во изјава за АА, ги раскажа тешкотиите со кои се соочува при создавањето музика.
Тој рече дека прави музика за љубовта, мирот и единството, со што се обидува да ги натера луѓето да гледаат кон светот од друг агол.
Шејхгермчи веќе десет години изведува концерти по улиците, понекогаш сам, а понекогаш со група.
„За првпат тамбурината ја зедов во мои раце пред 18 години, во домот на мојата тетка. Започнав со музика, така што ги имитирав делата слушајќи ги на касета. Мојот интерес за музиката се должи на тоа што некои од моите блиски роднини се музичари“, рече тој.

„Барам човек“
Поемата „Барам човек“, на Мевљана Џелаледин Руми, кој ја напишал инспириран од онаа на филозофот Диоген, Шејхгермчи со љубов ја свири со својата тамбурина, како и други песни, кои се негови стихови, или пак на неговиот учител, Мухамед Риза Хаџи Рустембеглу.
„Народот нѐ поддржува. Меѓутоа, поради притисокот во државата, имаме тешкотии во нашата уметничка изведба. Понекогаш, властите од општината или пак полицијата нѐ спречуваат. Уличната уметност, која е застапена на повеќе места во светот, во Иран се спречува со изговор дека му штети на моралот или пак се смета за просење“, истакна Шејхгермчи.
„Во 1996 беше формирана полициска единица наречена ’Комитет’. Кога и да забележеа некого на улица, на пример со саз, веднаш го камшикуваа. Оваа ситуација полека почна да се смирува. За време на претседателствувањето на Хашими Рафсаџани и Мухамед Хатеми притисоците се намалија. Но, сега излегува некој (Meшхед џума имами ајетолах Ахмед Алемелхуда) и вели дека, музиката е грев. Дури и да излезе претседателот Хасан Рухани со изјава во врска со ова, сепак, продолжуваат истите притисоци“, вели тој.
Шејхгермчи наскоро во Истанбул
Тој се пожали дека во неговата држава нема единство или организираност меѓу уличните музичари, поради тоа што музичарите се плашат да не бидат перципирани како политичка структура.
На крајот Шејхгермчи изјави дека наскоро ќе изведе концерт во Истанбул, на познатата улица „Истиклал“: „Ќе изведам традиционална иранска музика во Турција. Иранскиот народ ги познава турските уметници како што се Ахмет Каја, Ибрахим Татлисес и Емел Сајин. Така што, јас сакам иранската музика да ја претставам во Турција“.