Muhammet Kurşun
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, поднесе ненадејна оставка, а изворите од Техеран тврдат дека причина за неговата оставка е тоа што без негово знаење сирискиот претседател Башар ал Асад вчера го посетил Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Медиумската куќа „Entekhab“ јавува дека Зариф, во краткиот одговор на прашањето за причините за оставката навел дека како министер, по вчерашниот состанок во Техеран и објавените фотографии, го изгубил секој углед во светот.
Иранската студентска новинска агенција (ISNA) јавува дека Зариф поднел оставка поради вчерашното доаѓање на водачот на сирискиот режим во Техеран и неговите состаноци со иранскиот верски водач, ајатолахот Али Хамнеи и со иранскиот претседател Хасан Рохани.
На состаноците не присуствувал министерот за надворешни работи, Зариф, а на фотографиите од тие состаноци се наоѓа и командантот на Револуционерната гарда, Касим Сулејмани.
Оставката на Зариф како голема загуба за иранската надворешна политика прв ја коментираше членот на раководството на иранскиот Парламент, Али Риза Рахими.
„Не постои друг Зариф. Оној кој ќе го замени ќе ја слуша штетната власт и ќе уништи многу придобивки на Револуцијата. Доколку оставката на Зариф стане официјална, тоа значи дека опозициските сабји се ефикасни. Утре Парламентот ќе дискутира за заднината на оставката на Зариф“, изјави Рахими.