Aida Cako
18 Јули 2016•Ажурирај: 19 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) –Европската унија (ЕУ) објави соопштение преку кое остро го осуди обидот за државен удар во Турција и ја потврди својата целосна поддршка на легитимните институции на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се вели дека ЕУ жали за големиот број на жртвите и се солидализира со турскиот народ и дека ја поздравува заедничката позиција на политичките партии во знак на поддршка на турската демократија.
„ЕУ повикува да се покаже воздржаност од страна на турските власти, вклучувајќи ја полицијата и безбедносните сили. Треба да се направи се што е потребно да се избегне понатамошно насилство, да се сочуваат животи и да се врати мирот” , се наведува во соопштението.
Потенцирајќи дека ЕУ повикува на целосно почитување на уставниот поредок и ја нагласува важноста на владеењето на правото, се додава дека од суштинско значење е да се обезбеди целосно почитување на демократските институции на државата вклучувајќи ја и избраната влада и Големото турско национално Собрание (TBMM).
„ЕУ ја нагласува потребата за почитување на демократијата, човековите права и основната слободa и право на секое лице на фер судење во целосна согласнот со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, вклучувајќи го и Протоколот 13 за укинување на смртната казна."
Во овој контекст, ЕУ потсетува дека „ јасното отфрлање на смртната казна е значаен елемент од одредбите на ЕУ” , се вели понатаму во соопштението.
Во соопштението се нагласува дека ЕУ останува посветена на заедничката соработка со демократската и стабилна Турција, која е земја кандидат и клучен партнер на ЕУ, и дека се залага за решавање на заедничките предизвици.