Ayhan Şimşek
21 Март 2022•Ажурирај: 22 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, ја обвини Русија за воени злосторства во Украина и рече дека Европската Унија ќе обезбеди оружје во вредност од 1 милијарда евра на украинската Војска за да ѝ помогне во одбраната на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за новинарите во Брисел пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Баербок рече дека ќе разговараат за дополнителни мерки за зголемување на притисокот врз Русија за да ја запре војната.
„Најновите слики што доаѓаат од Украина во овие часови се потресни. Она што се гледа е дека тие сè повеќе ја бомбардираат цивилната инфраструктура, намерно бомбардираат болници во последните неколку дена и погодуваат театри иако знаат дека луѓето, семејствата, се засолниле во овие згради“, рече таа.
„Се разбира дека судовите мора да одлучуваат за тоа. Но за мене, тие се јасни и неоспорни воени злосторства. Ние како Европска Унија и оние земји што веруваат во меѓународен поредок заснован на правила, мораме да преземеме дополнителни чекори за да го изолираме овој режим“, додаде Баербок.
Таа рече дека земјите членки на ЕУ ќе ја зголемат својата финансиска поддршка, хуманитарната помош и воената помош за Украина.
„Денес ќе донесеме политичка одлука за дополнително зголемување на нашата воена помош, ќе обезбедиме 1 милијарда евра на воени резерви, со цел да покажеме дека со цело срце сме заедно со Украина и сакаме да го заштитиме цивилното население“, рече таа.