Şerife Çetin
16 Јуни 2020•Ажурирај: 19 Јуни 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) смета дека треба итно да се започне независна истрага за масовните гробници во либискиот град Тархуна, југоисточно од Триполи, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во писмената изјава од Кабинетот на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, се истакнува дека пронаоѓањето на масовните гробници во Либија предизвикало голема непријатност.
„Итно треба да се спроведе независна истрага за масовните гробници, а одговорните треба да се изведат пред лицето на правдата“, се вели во соопштението.
Уште еднаш е упатен апел до спротивставените страни во Либија да се придржуваат до своите обврски според меѓународното право, да ги прекинат насилствата и да постигнат договор за примирје. Нагласено е дека е потребно враќање кон политичкиот процес под водство на Обединетите нации (ОН).
Во либискиот град Тархуна, кој беше ослободен од страна на либиската Армија на 5 јуни, беа пронајдени масовни гробници. Во една болница во градот, кој беше под контрола на нелегитимните милитантни сили од источна Либија предводени од Калифа Хафтар, пронајдени беа 106 тела, а на 12 јуни на периферијата од градот беа пронајдени уште три масовни гробници.
Либискиот министер за внатрешни работи, Фатхи Башага, претходно соопшти дека милитантите на Хафтар палеле некои од затворениците, а дека десетици биле закопани живи во масовните гробници.
Либиската Војска соопшти дека документирала бројни злосторства против човештвото, извршени од страна на милитантите на Хафтар.
Од Мисијата на Обединетите нации во Либија (UNSMIL) повикаа на спроведување истрага за масовните гробници и за злосторствата во Тархуна.