Ekip
18 Јуни 2020•Ажурирај: 20 Јуни 2020
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) строго го повикува Израел да ги избегнува постапките за анектирање на која било окупирана палестинска територија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жoзеф Борел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел зборуваше на пленарната сесија на Европскиот парламент.
„Тоа би претставувало ‘сериозно кршење на меѓународното право’, доколку израелската Влада одлучи еднострано да анектира делови од Западниот Брег“, рече тој.
Мнозинството земји членки на ЕУ можат да прифатат само „преговарачко решение за двете држави, засновано врз меѓународни параметри“.
Борел рече дека неодамна ги известил новите израелски министри за надворешни работи и одбрана, Гавриел Ашкенази и Бенџамин Ганц, за ставот на Блокот за време на телефонскиот повик.
„Анексијата неизбежно ќе има значителни последици за блискиот однос кој сега го имаме со Израел“, истакна тој во својот говор во Европскиот парламент.
Борел исто така напомена дека таквата одлука ќе влијае негативно на стабилноста и на односите на Израел со земјите од регионот.
Охрабрен од „Договорот на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот министер Бенјамин Нетанјаху минатиот месец објави дека неговата влада официјално ќе ја анектира Јорданската Долина и сите блокови за населување во Западниот Брег.
Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, се смета за окупирана територија според меѓународното право, со што сите еврејски населби таму, како и планираната анексија, се нелегални.
Палестинските официјални претставници се заканија дека ќе ги укинат билатералните договори со Израел, доколку продолжи со анексијата, што дополнително ќе го поткопа дводржавното решение.
Како и Турција и голем дел од меѓународната заедница, Европската Унија не го признава суверенитетот на Израел над териториите што ги окупираше од 1967 година.