Ata Ufuk Şeker
30 Декември 2020•Ажурирај: 01 Јануари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на Европската Унија (ЕУ) го потпишаа договорот со Обединетото Кралство за утврдување на трговските односи во периодот по Брегзит, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Официјалната церемонија на потпишување на Договорот за трговија и соработка меѓу ЕУ и Обединетото Кралство се одржа во Брисел.
Во името на ЕУ, Договорот го потпишаа претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Се очекува Договорот денеска да пристигне во Лондон и да биде потпишан и од британскиот премиер Борис Џонсон.
Договорот, кој сѐ уште не е одобрен од Европскиот парламент (ЕП), се очекува привремено да стапи во сила на 1 јануари.
- Процесот на Брегзит -
Обединетото Кралство, кое се состои од Англија, Велс, Северна Ирска и Шкотска, одлуката за Брегзит ја донесе на референдумот за ЕУ одржан во јуни 2016 година, со 52 проценти „за“.
Велика Британија, која официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари, водеше сеопфатни преговори со Унијата за билатералните односи, особено на полето на трговијата.
Страните минатата недела постигнаа договор за продолжување на трговијата без царини и квоти од 1 јануари 2021 година.