Hasan Esen
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, коментирајќи за одлуката на парламентот на Каталонија за прогласување еднострана независност од Шпанија, изјави дека новата ситуација нема да влијае на односите на ЕУ со Шпанија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Од гледна точка на Европската Унија, ништо не се промени. Шпанија и понатаму е единствениот наш соговорник“, рече Туск.
Тој изрази надеж дека шпанската Влада нема да посегне кон употреба на сила откако Парламентот на Каталонија прогласи еднострана независност.
Сенатот на Шпанија го одобри предлогот на Владата за преземање директна контрола на Каталонија веднаш откако Каталонија прогласи независност.
Сенатот го активира членот 155 од Уставот, за вонредни мерки, со коишто во голема мера се укинува автономијата на Каталонија.
Членот 155 ѝ овозможува на шпанската Влада да ја преземе контролата над каталонската полиција, финансиите, државните медиуми и телекомуникациите.
Мерките вклучуваат и отстранување на актуелната каталонска влада и распишување на предвремени парламентарни избори во рок од шест месеци.
Членовите на Сенатот со 214 гласа „за“ и 47 „против“, како и еден воздржан, го поддржаа активирањето на членот 155 од Уставот на Шпанија.
Од друга страна, шпанскиот премиер Маријано Рахој ја повика јавноста да остане смирена откако Парламентот на Каталонија денес го усвои предлогот со којшто овој богат регион се прогласува за република независна од Шпанија.