Ömer Tuğrul Çam
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Администрацијата на Европската Унија (ЕУ) соопшти дека алармантни се информациите до кои дошла за воените активности на Русија на украинската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Питер Стано, еден од портпаролите на Европската комисија, одговори на прашањето дали ЕУ ја дели оценката дека „Русија го зголемила своето воено присуство во близина на Украина и проценката на САД за можноста за окупација на источна Украина“.
Наведувајќи дека ЕУ е сосед на Украина и внимателно ги следи случувањата во регионот, Стано потсети дека на специјалната средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за ова прашање во април се разговарало и за военото трупање на Русија на границата меѓу Украина и Крим.
„Оттогаш, како ЕУ гледаме како можеме да ја зајакнеме отпорноста на Украина“, нагласи Питер Стано.
„Продолжуваме да ја следиме состојбата. Информациите што ги собравме досега се загрижувачки. Со нашите партнери како што се САД и Велика Британија разговараме за ситуацијата и за развојот на настаните. Ги разгледуваме чекорите што можеме да ги преземеме заедно со партнерите доколку биде потребно“, додаде тој.
За украинското прашање е разговарано и на средбата меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон оваа недела. Акцентот во разговорите е ставен на поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Исто така, се очекува следната недела на дневен ред да дојдат активностите на Русија во близина на Украина на двете одделни средби на министрите за надворешни работи и министрите за одбрана на земјите од ЕУ.
Русија на 6 април соопшти дека започнала проверка на подготвеноста на Руската армија за војна, и дека во различни региони ќе се одржат тактички вежби.
По ова беше соопштено дека Русија извршила воено засилување на границата на Крим и Украина и дека бројот на испратени руски војници е повеќе од 100.000.
Руското Министерство за одбрана на 22 април информира дека завршиле вежбите на војниците во јужниот и западниот воен регион на земјата и дека војниците ќе се повлечат назад.