Selen Temizer
19 јули 2021•Ажурирај: 21 јули 2021
БРИСЕЛ (АА) - Според веста на веб-страницата „EUobserver“ со седиште во Брисел, Европската Унија (ЕУ) преку испраќањето воена мисија во Либија има за цел полето на воена активност да не биде оставено на трети земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на ЕУ од 1 јули, до кој стигна страницата „EUobserver“, се истакнува: „Мировниот процес во Либија бара разоружување, ликвидација и реинтеграција од големи размери на борците, како и реформи во безбедносниот сектор.“
Во веста на веб-страницата се наведува дека ЕУ во наредните месеци е пред финализирање на своите планови за големи операции во Северна Африка и дека плановите имаат за цел да стават крај на трговијата со луѓе и оружје во регионот.
„Во овој контекст, треба да се оцени ангажманот на воената заедничка безбедност и одбранбена политика на ЕУ, така што целото поле на воена активност да не биде оставено на трети земји“, се нагласува во извештајот на ЕУ.
Во извештајот исто така се посочува дека ангажманот треба да има мандат за поддршка на реформите во безбедносниот сектор.
- ЕУ да има овластување за воздушен надзор -
Во извештајот исто така се подвлекува дека либиските власти наведуваат дека „им е потребна поддршката на ЕУ во границите на земјата“.
„Ако либиските власти прифатат, може да се добие правото авионите за набљудување на ЕУ да летаат над територијата на земјата“, се нагласува во извештајот.
Меѓу другото, во веста е забележано дека дипломатите на ЕУ наскоро ќе разговараат за планот, но дека Комисијата сè уште не ги доставила овие планови како официјален предлог.