Mustafa Melih Ahıshalı
11 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Организацијата за заштита на земјоделски растенија на Иран, Мухамад Реза Дергахи, предупреди дека за еден месец може да има втор бран од инвазија на скакулци во земјоделските области во јужниот и југозападниот дел на земјата, исти како што се случија минатиот месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дергахи, во изјавата за иранската државна телевизија истакна дека можно е да има инвазија на скакулци во јужниот дел на земјата, во покраините Бушер, Хумузган и Систан-Белуџистан. Дергахи, истакнувајќи дека во рамките на борбата против инвазија на скакулци во изминатите пет месеци со пестициди испрскано е 570 илјади хектари земјиште, додаде:
„Во таа борба потрошени се 28 милијарди тумени (околу 2,2 милиони долари). Моментално, во осум покраини 2 илјади лица со 950 возила прскаат со пестициди. Новиот бран на оваа катастрофа за еден месец ќе ги зафати покраините Бушер, Хумузган и Систан-Белуџистан.“
Дергахи, исто така, додаде дека причините за инвазијата од скакулци се недоволната борба против скакулците во земјите од регионот и зголемувањето на врнежите во осум покраини на југот на Иран.
- „Катастрофата на инвазија од скакулци не е помала катастрофа од поплави или земјотреси“ -
Ахмед Муради, пратеникот во иранскиот Парламент од покраината Хурмузган, истакна дека инвазијата на скакулци од Хурмузган, довела до уништување на земјоделството во регионот.
Според Новинската агенција на ирански студенти (ISNA), Муради во обраќањето пред пратениците во иранското Собрание рече:
„Ние [во Хурмузган] неколку месеци се соочувавме со инвазија на скакулци. На ова прашање не му беше посветено доволно внимание. Оваа катастрофа не е помала од катастрофите предизвикани од поплави или земјотреси. Земјоделството е пред исчезнување.“
Претседателот на иранскиот Парламент, Али Лариџани, нагласи дека дал инструкции Парламентарната комисија за земјоделство да ја испита инвазијата на скакулци во покраината Хурмузган.
По зголемувањето на температурата на воздухот во Иран, во минатите месеци забележана е инвазија на скакулци во земјоделските области во јужниот и југозападниот дел на земјата. Скакулците стигнаа до јужните региони во главниот град Техеран.