Ekipa
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
САНА (АА) - Најмалку 746 лица починаа од епидемија на колера што избувна во Јемен кон крајот на април, објави Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во денешната објава на Твитер, јеменската канцеларија на СЗО изјави дека повеќе од 96.000 сомнителни случаи на колера се регистрирани во земјата зафатена со војна.
Вчера, агенцијата на ОН изјави дека најмалку 728 Јеменци починале од епидемијата.
Неколку меѓународни организации, вклучувајќи ги и СЗО, УНИЦЕФ и Црвениот крст, неодамна го интензивираа испорачувањето на медицински потрошен материјал во Јемен, каде што локалните здравствени власти се борат да се справат со епидемијата.
Локалните власти велат дека судирите меѓу владините сили поддржани од Саудиска Арабија и бунтовниците Хуси ги попречуваат напорите за справување со кризата.
Во осиромашениот Јемен владее граѓанска војна уште од 2014 година, кога Хусите и нивните сојузници го зазедоа поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Според ОН, досега во судирите загинале повеќе од 10.000 лица, а над 11 отсто од населението во земјата е раселено како директна последица на судирите.