Şerife Çetin
13 Јули 2020•Ажурирај: 14 Јули 2020
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, истакна дека односите со Турција поминуваат низ тежок процес, и дека министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе разговараат за билатералните односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Борел даде изјава за медиумите пред состанокот на Советот за надворешни работи во чии рамки во Брисел се состануваат министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои за првпат одржуваат состанок по мерките преземени против новиот вид коронавирус (Ковид-19).
Тој нагласи дека првата точка од дневниот ред ќе биде Латинска Америка, и дека ќе се разговара за проблемите предизвикани од Ковид-19 во регионот, како и за билатералните односи.
Според него, една од важните точки на дневниот ред на состанокот се односите со Турција.
„Односите моментално поминуваат низ тежок процес. Сметам дека ќе водиме интересна дебата со цел да разговараме за ова важно прашање“, рече тој.
Борел нагласи дека ќе се разговара за Африка, како и за настаните во Либија, и дека ќе ги информира министрите во врска со процесот за дијалог меѓу Белград и Приштина.
Тој истакна дека на состанокот ќе стане збор и за настаните во Хонг Конг, како и за загриженоста на министрите за надворешни работи во врска со чекорите преземени од страна на кинеските власти.