Mehmet Yılmaz
06 Мај 2022•Ажурирај: 08 Мај 2022
БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан нагласи дека нема да го поддржат предлогот на Комисијата на Европската Унија (ЕУ) за забрана на увоз на нафта од Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Орбан, во изјавата за унгарското државно радио „Кошут“ рече дека новиот пакет санкции објавен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која планира да го забрани купувањето нафта од Русија, е неприфатлив.
Наведувајќи дека во Унгарија нема пристаниште и дека нафтата моментално доаѓа во земјата само преку цевковод и од Русија, Орбан рече: „Ако се прифати ембаргото за нафта, тоа ќе значи фрлена атомска бомба врз унгарската економија.“
Орбан, исто така, додаде дека купувањето нафта од друга земја наместо од Русија е многу скапо и бара петгодишен преоден период за Унгарија и дека Владата ќе го искористи правото на вето додека не се реши овој проблем.
Посочувајќи дека Унгарија не ги одобрува санкциите што ЕУ ги воведе против Русија поради руско-украинската војна, Орбан рече дека енергетските санкции се црвена линија за неговата земја и тие нема да ги прифатат.
Меѓу другото, премиерот Орбан додаде дека нема да го поддржи вклучувањето на патријархот на Руската православна црква, Кирил, на листата за санкции на ЕУ, со образложение дека го поддржува рускиот напад врз Украина.
Претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, во изјавата на 3 мај, во однос на содржината на новиот пакет санкции што се планира да се имплементира против Русија, нагласи:
„Се работи за нашата зависност од руската нафта. Да бидеме јасни, тоа нема да биде лесно. Некои земји членки се зависни од руската нафта. Сега предлагаме забрана за руската нафта. Ова ќе биде целосна забрана за увоз на сурова и рафинирана руска нафта која се транспортира преку поморски пат и цевководи.“