Furkan Naci Top
30 Јуни 2018•Ажурирај: 01 Јули 2018
АТИНА (АА) - Грчкиот премиер Алексис Ципрас, коментирајќи ја мигрантската криза во Европа, изјави дека ЕУ е длабоко поделена по прашањето за миграциите, јавува Anadolu Agency (AA).
„ЕУ е длабоко поделена меѓу две позиции, од една страна, премногу конзервативен, шовинистички и антимигрантски став и од друга страна, демократско-хуманитарно разбирање на работите“, изјави Ципрас за новинарите по Самитот на ЕУ во Брисел.
Тој истакна дека Самитот бил многу макотрпен, додавајќи дека изгледа оти сите земји членки на ЕУ не ги делат истите вредности и принципи.
Нагласи дека сите 28 земји членки не ги делат вредностите на ЕУ, како што се почитување на човековите права, солидарноста и хуманоста.
Понатаму, изјави и дека целта е на координиран и систематски начин да се управува со прашањето за миграциите во Европа, додавајќи дека Договорот од Самитот не подразбира и поголем товар за Грција по прашањето за бројот на мигрантите.
„Со оглед на тоа дека балканската маршрута е затворена и дека се продолжуваат две операции на ФРОНТЕКС на нашата граница на северниот дел, месечниот проток на бегалците е 100 - 150“, изјави Ципрас.
Потсетуваме, лидерите на ЕУ усвоија заедничка Декларација по Самитот одржан во Брисел, а со која се опфатени одлуките поврзани за миграциите, Русија, безбедноста и трговијата.
Откако, поради блокадата на Италија, не е постигнат договор во одредени теми, лидерите на ЕУ, по напорните преговори и дискусии, успеаја да усвојат заедничка Декларација.
Бегалската криза беше една од главните теми на овој Самит, а во заедничката Декларација се истакнува дека доаѓањето на илегални мигранти во ЕУ е намалено за 95 отсто. Нагласено е дека се забележува зголемен број на мигранти на маршрутата на источниот и западниот дел на Средоземното Море.