Kemal Karadağ
30 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, денес во Анкара изјави дека неговата земја има искрена намера во врска со членството во Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција веќе половина век се обидува да стане членка на ЕУ. Оние кои започнаа подоцна ги завршија преговорите, а нашите се продолжуваат. Нашиот став е јасен, но ЕУ мора уште еднаш да размисли, особено по излезот на Велика Британија. Турција има искрена намера во врска со членството во ЕУ“, изјави Јилдирим по состанокот со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Анкара.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека преговорите што ЕУ ги започнала со Турција треба да бидат продолжени со заемна почит.
„Не може да само да се зборува за состаноци и преговори, Европа има потреба од Турција. Ако преговорите се почнати, тогаш тие треба да продолжат со меѓусебно почитување. Турција наскоро ќе биде најголемата сила во областа што ја нарекуваме Европа, а тоа е воедно и унија во којашто Турција се стреми да стане член. Во моментов Турција има околу 80, а наскоро ќе има 100 милиони жители, таа е меѓу најсилните економии и располага со една од најсилните армии. Населението на Турција е во пораст, додека во поголемиот дел од европските земји е токму спротивното. На Европа ѝ е потребна Турција“, изјави Орбан.
Тој исто така рече дека за Европа, Турција е сојузник од клучно значење.
„Унгарија изразува благодарност и пофални зборови во врска со напорите на Турција кога се во прашање меѓународните миграции. Турција не ја штити само Унгарија, туку цела Европа, и сите мораат да бидат свесни за тоа“, додаде Орбан.
Унгарскиот премиер за време на посетата на Анкара разговараше и со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.