Faruk Zorlu
23 Јануари 2020•Ажурирај: 24 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Грција, „вооружувајќи“ 16 од 23 острови со невоен статус, кршејќи ги договорите за Егејското Море, треба да дејствува во согласност со меѓународното право, рече турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
При денешната посета на турскиот производител на ракети „Рокетсан“, Акар истакна: „Очекуваме Грција да се однесува во согласност со меѓународното право, договорите и добрососедските односи.“
Акар додаде дека покрај борбата против тероризмот, активностите на Турција во Егејското Море, во Источниот Медитеран, недалеку од Кипар, и Либија, се во тек, и нагласи дека тие се спроведуваат во согласност со меѓународното право и територијалниот интегритет на земјите.
Турција, како земја гарант за Турската Република Северен Кипар, во моментот спроведува активности за истражување на јаглеводороди во Источниот Медитеран со свои два брода за дупчење.
„Кипарското прашање е наше национално прашање. Што и да треба да направиме таму, направивме досега и ќе продолжиме така. Ќе продолжиме да ги штитиме нашите права и правата на нашите кипарски браќа“, нагласи тој.
„Наша најискрена желба е да го решиме прашањето со мирни методи, засновани врз правата и меѓународното право“, изјави тој.
Анкара долго време го оспорува едностраното дупчење во Источниот Медитеран спроведувано од администрацијата на кипарските Грци, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар, исто така, има права на ресурсите во тоа подрачје.
Во 1974 година, по пучот за анектирање на Кипар од страна на Грција, Анкара мораше да интервенира како гарантна сила. Во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.
Оттогаш, во изминатите декади направени се неколку обиди за решавање на кипарскиот спор, но сите завршија со неуспех. Последниот обид во 2017 година во Швајцарија се спроведе со учество на земјите гаранти, Турција, Грција и Велика Британија, но исто така заврши без никаков напредок.
Осврнувајќи се на договорите помеѓу Турција и Либија за воената соработка и поморските граници на двете земји, Акар изјави: „Нашиот НАТО-сојузник и сосед Грција сака сè да биде како што сака таа.“
Исто така, потсетувајќи на предлогот усвоен во турскиот Парламент со кој се овластува испраќање трупи во Либија, Акар рече дека Турција има тим за обука и консултантски тим во Либија, дека обезбедува поддршка за обука на своите либиски браќа и ги продолжува своите консултантски услуги.
Анкара и Владата на национално единство на Либија на 27 ноември потпишаа два одделни договори - еден за воена соработка и друг за поморските граници на земјите во Источниот Медитеран.
Поморскиот пакт ги гарантира правата на Турција во Источниот Медитеран во услови на еднострано дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци, појаснувајќи дека Турската Република Северен Кипар има и права на ресурсите во областа. Договорот стапи на сила на 8 декември.
Од соборувањето на починатиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, во Либија се појавија две седишта на моќ - едното на воениот командант Калифа Хафтар во источна Либија, поддржано главно од Египет и ОАЕ, и второто, Владата на национално единство во Триполи, која ја ужива поддршката на ОН и е меѓународно призната.