Erdoğan Çağatay Zontur
29 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Францускиот претседател Емануел Макрон треба да ја провери својата мозочна смрт пред да каже дека НАТО доживеал „мозочна смрт“, изјави турскиот поретседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Претседателу на Франција, г. Макрон, кажувам во Турција, ќе кажам и во НАТО, најпрво проверете ја сопствената мозочна смрт“, рече Ердоган, обвинувајќи го Макрон за неговите коментари дека Турција не треба да ја очекува поддршката на НАТО за својата антитерористичка операција во северна Сирија.
Во обраќањето на свеченоста на поставување камен-темелник на комплексот „Реџеп Таип Ердоган“ на Универзитетот „Мармара“ во Истанбул, Ердоган рече дека Франција нема право и овластување да биде во Сирија.
„Ниту [сирискиот] режим не ве има повикано таму“, рече Ердоган.
„Да се исклучи Турција од НАТО или не... Дали вие имате овластување да донесете таква одлука?“, праша турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека Турција нема да се двоуми во спроведувањето на операцијата „Извор на мирот“, „доколку заканите за Турција од безбедносната зона или надвор од неа не се елиминираат во разумен временски рок“.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.
Според двата одделни договори склучени со Соединетите Американски Држави (САД) и Русија, Турција привремено ја прекина операцијата со цел да им даде време на терористите на ЈПГ/ПКК сами да се повлечат од планираната безбедносна зона во Сирија.
Но терористите не се повлекоа од одредени области и продолжија со нападите врз војниците и цивилите.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.