Mümin Altaş
12 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили неутрализираа тројца терористи на ПКК во северните делови на Ирак и Сирија, во близина на границата со Турција, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, Министерството истакнува дека еден терорист е неутрализиран од турските беспилотни летала во регионот Авашин, во северен Ирак.
Двајца терористи се неутрализирани од турските командоси во северна Сирија при обид да се инфилтрираат во подрачјето на операцијата „Извор на мирот“, се додава од турското Министерство за одбрана.
Турските сили спроведоа низа офанзиви од 2019 година наваму против терористичките организации во северен Ирак, особено ПКК. Најновите операции, „Канџа-гром“ и „Канџа-молња“, беа започнати овој април во регионите Метина и Авашин-Басјан.
Од 2016 година, Турција започна неколку успешни антитерористички операции преку границата со Сирија, со цел да спречи формирање терористички коридор и да овозможи безбедна средина за враќање на раселените лица. Станува збор за операциите „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019 година).
Во над 35-годишната терористичка кампања против Турција, терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.