Ekipa
18 Мај 2020•Ажурирај: 19 Мај 2020
НАЈРОБИ (АА) - Над 1.500 ранливи семејства низ цела Кенија добија помош во храна и санитетски средства од Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Помошта е донирана на семејства погодени од поплави, глад и сиромаштија, како и од инвазијата на скакулци, која ја загрози сигурноста на храната во Источна Африка.
Емре Јуксек, координатор на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) за Кенија, за АА изјави дека помошта во прехранбени и санитетски производи дошла во најпотребно време, особено поради епидемијата на новиот вид коронавирус.
„Ние успеавме да стигнеме до 1.500 семејства и домаќинства во сиромашните населби Гитогоро и Хурума, и Истлеј, кој е целосно блокиран поради коронавирусот.“
Меѓу останатите области до кои дојде турската државна агенција е и градот Накуру, каде што во 2018 година десетици луѓе ги загубија животите откако се сруши нелегално изградена брана.
„Во 2020 година, поплавите повторно го погодија истиот регион, оставајќи голем број семејства на кои им беше неопходна хуманитарна помош“, рече Јуксек.
„Успеавме да помогнеме на 200 семејства во Накуру и на три домови за деца“, додаде тој.
Јуксек истакна дека само во мај, Турција дистрибуирала 50 тони сува храна, пет тони масло за готвење, два тона месо и скоро 30.000 парчиња сапун меѓу останатите производи за хигиена, со цел да ги ублажи негативните влијанија на сегашната криза.
Пакетите со помош се состојат од масло за готвење, брашно, шеќер, сол, грав и чај, како и диспенсери за вода, таблети за прочистување вода, санитарни крпи за повеќекратна употреба, сапун за капење и сапун за перење.