Ferdi Türkten
18 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
АНКАРА (АА) - Гласноговорникот на турската Партија за правда и развој (AK Parti), Омер Челик, денес изјави дека на Турција никој не може да ѝ ја украде нејзината демократија, не може да ја сруши, ниту може да се меша во нејзиниот политички систем, јавува Агенција Анадолија (АА).
Челик говореше на прес-конференција на која се осврна на актуелните случувања, меѓу другото и на ставовите на кандидатот за претседател на САД од демократите, Џо Бајден, кои ги изнесе во едно интервју.
„Фактот што ова е став на претседателски кандидат на Демократската партија е важен во смисла на прикажување на вредносната криза во американскиот политички систем“, рече Челик.
„Никој не може да ни ја украде демократијата, ниту да ја уништи нашата демократија, ниту пак некој може да се меша во нашиот политички систем“, рече Челик, потенцирајќи дека оној што ги поддржува терористите на ПКК/ПЈД, кој им испраќа оружје, тој сака само смрт на курдските деца.
Кога станува збор за борбата против епидемијата на коронавирусот, Челик рече дека Турција успешно го води овој процес и дека покажала извонредни перформанси, додека во светот се уништени мрежите за производство и потрошувачка.
Челик се осврна и на тензиите во Источниот Медитеран порачувајќи дека Турција е партнер за оние кои сакаат мир и стабилност, но дека нема да дозволи никому да ги одземе нејзините права и да ги наруши интересите.
„Грците несомнено се во голема заблуда ако мислат дека во регионот де факто ќе создадат ситуација без договор со Турција и Турската Република Северен Кипар“, порача Челик.
Тој се осврна и на договорот за нормализација на односите постигнат меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел, порачуваји дека тој на ниту еден начин нема да придонесе за мирот и стабилноста.
„Решение без Палестина нема да даде резултати“, рече Челик.