Fatjon Cuka
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
ТИРАНА (АА) – Премиерот на Албанија, Еди Рама, ја повика Европската Унија (ЕУ) доколку има план за надминување на енергетската криза предизвикана од војната во Украина да не го изоставува Западен Балкан, како што го направи тоа за време на распределбата на вакцините против коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рама го изјави ова на прес-конференцијата во Тирана, по состанокот со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, кој денеска престојува во официјална посета на Албанија.
„Со Борел разговарав за неопходноста од тоа доколку ЕУ има план да ги поддржи земјите било во соочувањето со енергетската криза или со другите последици од војната, да не го изостави Западен Балкан како што го правеа тоа кога ги дистрибуираа вакцините“, рече Рама.
Тој разговараше со Борел за војната во Украина и нејзините последици, улогата на Албанија во Советот за безбедност на ОН и позицијата на земјата во однос на Русија, како и за процесот на интеграција на Албанија во ЕУ.
Говорејќи за војната во Украина, албанскиот премиер рече дека таа претставува „линија на раздвојување“ меѓу светот кој наметнува авторитарен режим и „подобриот свет што го имаме денес“.
„Разговаравме и за друг аспект кој се однесува на постојаното споменување на Албанија од страна на московските власти во контекст на проблематичното учество во овој судир и обвинувањето дека Албанија, заедно со Косово, ѝ помага на Украина со платеници. Тоа е обвинение, пред сè, без никаква основа, бидејќи тоа е невистина и е вознемирувачко“, изјави Рама.
Во однос на процесот на европските интеграции и отворањето на преговорите за пристапување на Албанија кон Унијата, Рама рече дека сите земји членки на ЕУ сега се спремни да ги отворат, но додаде дека процесот го кочи блокадата меѓу други две земји, Северна Македонија и Бугарија.
„Ние ѝ припаѓаме на оваа заедница и одлучни сме до крај“, порача Рама.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека Албанија навреме ги исполнила сите услови за отворање на преговорите за членство.
„Знам дека Албанија денес јасно покажа дека е еден од најсигурните партнери на Европската Унија и на светот. Политиката на Албанија е 100 отсто во согласност со заедничката политика на ЕУ за надворешните работи и безбедноста, дури и пред војната. Во овие предизвикувачки времиња, Албанија повторно ја потврди својата посветеност на меѓународниот поредок и безбедност“, рече Борел.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Борел рече дека покрај воениот, тоа е напад и врз населението на Украина, нејзините градови, цивилите, вклучувајќи ги и жените, децата, училиштата, болниците...
„Руските вооружени сили предизвикуваат смрт, загуба на животи, очај, огромна штета“, рече Борел.
Додаде дека по рускиот напад врз Украина во некои земји е зголемена свеста за забрзување на процесот на пристапување, што во последните години е забавен.
Високиот претставник на ЕУ вчера престојуваше во посета на Северна Македонија, а во рамките на турнејата низ Западен Балкан утре ќе ја посети Босна и Херцеговина.