Malik Hasa
26 Јули 2016•Ажурирај: 27 Јули 2016
ТИРАНА (АА) - Денес беше потпишан договорот за финансирање на интерконекциската линија од 400 киловолти меѓу Албанија и Македонија (проектот на далноводот со капацитет од 400 kV , линија на меѓусебна поврзаност меѓу Албанија и Македонија). Овој договор беше потпишан од страна на албанскиот министер за енергија и индустрија, Дамјан Ѓикнури, и германската амбасадорка во Албанија, Сузан Шутс, јавува Anadolu Agency (AA).
По потпишувањето на договорот, Ѓикнури и Шутс одржаа прес-конференција на која изнесоа детали за финансирањето на овој проект.
Министерот Ѓикнури рече дека ова е првиот дел на кредитот од германското финансирање за изградба на линијата со капацитет од 400 киловолти со Македонија.
Ѓикнури истакна дека сега овој проект е реалност бидејќи се обезбедени сите потребни средства, а процесот се движи на вистинскиот пат, и додаде:
„Вкупното финансирање ќе изнесува 50 милиони евра од германската Влада, а 14 милиони евра се грантови, неповратни средства дадени од страна на ЕУ за Западниот Балкан. Тие ја овозможуваат изградбата на овој проект. Проектот вклучува изградба на линијата со Македонија и изградба на две трафостаници во Елбасан и во Фиер. Со ова, како што рековме порано, Албанија конечно ќе го исполни целиот свој план со целиот регион. По линијата со Косово, Црна Гора и Грција, веќе ја имаме и линијата со Македонија“.
Во текот на својот говор, Ѓикнури ѝ се заблагодари на Германија за помошта во многу области, нарекувајќи ја партнер во областа на енергетиката, како и во други области.
Од друга страна, германската амбасадорка во Албанија, Сузан Шутс, рече дека целта на поддршката од страна на германската држава е придонес во економскиот развој на земјата.
„Денес потпишавме меѓународен договор за финансиска соработка на првиот дел од проектот на далноводот со капацитет од 400 kV меѓу Албанија и Македонија. Во почетокот ќе биде изграден првиот сегмент, а потоа и вториот. За првиот дел имаме на располагање околу 30 милиони евра, а останатите 20 милиони ќе бидат доставени по летната пауза. Ова финансирање е придонес за одржливо снабдување со енергија, услов за натамошен економски раст и можност за извоз на енергија во соседните земји“, рече Шултс.