Besar Ademi
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод 9 мај - Денот на Европа, Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија, во Клубот на пратениците во Скопје го организираше традиционалниот настан „ЕУ појадок“ со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и претставници на ОН, НАТО и ОБСЕ во земјава, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот за европски прашања на Владата на Република Македонија, Арбр Адеми, во својот говор рече дека од големо значење е фактот што европската перспектива за регионот и за Македонија не е загрозена, но како што истакна, пред да се разговара за идните опции, треба да се види каде сме.
Во текот на својот говор, Адеми го осуди инцидентот во Собранието на Македонија, кој се случи на 27. април, при што насилни демонстранти влегоа во внатрешноста на зградата, а во инцидентот беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и медиумски работници. Тој, исто така, го поздрави изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието.
„Мојата земја се наоѓа во историски момент кој бара историски одлуки. Не каква било одлука, туку соодветни одлуки. Време е да престане маѓепсаниот круг на кризата и него да го вратиме во спротивна насока. Како политичари, нашата должност е да донесуваме одлуки што ќе обезбедат сигурност за сите граѓани, кои ќе ја вратат свеста и ќе ја отворат перспективата за надминување на опасностите со кои се соочуваме“, изјави Адеми.
Тој истакна дека новата реформска влада треба да се формира колку што е можно поскоро, бидејќи, како што рече, таа влада ќе мора да се соочи со многу предизвици кои бараат целосно внимание, знаење и почитување на советите од пријателите и партнерите на земјата, за да се изгради и да се зајакне капацитетот на државните институции.
Во меѓувреме, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, во својот говор рече дека по војните на европскиот континент во минатиот век, ЕУ е најуспешниот проект што оттогашго одржува овој континент во мир.
„Живееме во време на промени и предизвици. Секоја од земјите-членки, земјите од Западен Балкан како идни членки, мораат да најдат решение како да се справат со овие промени и предизвици, како да се справат со нив внатрешно и како да се справат како група, семејство или унија. Во донесувањето на одлуките мораме да се водиме според лекциите од нашата историја и од страна на нашите визионерски лидери“, изјави Жбогар.
Во текот на денот, Делегацијата на ЕУ во Скопје, во партнерство со многу организации, амбасади и општини организира над 30 настани низ целата земја, преку кои има за цел да го приближи до граѓаните процесот на европската интеграција.
Инаку, на 9 мај 1950 година, Роберт Шуман го претстави предлогот за создавање организирана Европа, како опција за зачувување на мирот на европскиот континент, кој беше нарушен од војни. Предлогот познат како „Декларацијата на Шуман“, се смета за почеток на формирањето на она што сега го знаеме како Европска Унија.
Денес ЕУ се состои од 28 земји-членки. Поради Брегзит, финансиската криза, мигрантската криза, терористичките напади и ширењето на популизмот, се смета дека Унијата се соочува со најголемите предизвици од почетокот на своето постоење. Се проценува дека со победата на Емануел Макрон на изборите во Франција, како и со изборите во Холандија, се отвора нова надеж за ЕУ.