Anees Suheil Barghouti
31 Мај 2018•Ажурирај: 01 Јуни 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Поранешниот шеф на израелската разузнавачка агенција Мосад истакна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ наредил на војската да се подготви за напад на Иран во рок од 15 дена, во 2011 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Поранешниот челник на Мосад, Тамир Пардо, го кажа ова за време на денешното интервју за израелскиот Канал 2.
Пардо, кој беше на чело на Мосад од 2011 до 2016 година, не даде точен датум за случувањето, но истакна дека Нетанјаху им кажал на армиските команданти да се подготват за распоредување „во секој момент“.
На прашањето дали смета дека наредбата на Нетанјаху била сериозна, Пардо одговори потврдно.
„Ова не е нешто што го правите за да ја тестирате способноста на вашата армија“, изјави Пардо. „Или го мислите тоа или праќате сигнал до САД“.
На крајот Пардо рече дека Нетанјаху се повлекол поради противењето на израелските воени претставници, меѓу кои и тогашниот началник на армијата, Бени Ганц.
Со децении, односите помеѓу Израел и Иран се карактеризираат со длабоко непријателство. Додека Техеран го гледа Израел како главен непријател, еврејската држава инсистира на тоа дека Иран мора да биде спречен од поседување на нуклеарен арсенал.