Ahmet Dursun
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Институцијата за борба против наркотици на Иран, Первиз Ефшар, соопшти дека во земјата постојат 2 милиони и 808 илјади корисници на наркотични средства, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на 26 Јуни - Светскиот ден за борба против користење и шверцување наркотици, Ефшар даде изјава за медиумите околу проблемот со наркотици во земјата, во која истакна дека според последниот извештај подготвен за користењето наркотични средства во Иран, во земјата има 2 милиони и 808 илјади корисници на наркотици, и додаде дека сите овие лица не се зависници.
„Меѓу овие лица постојат и зависници, но за да се утврди точно колку зависници има во земјата, моментално спроведуваме една опсежна работа. Кога ќе заврши ова истражување, ќе ја видиме бројката на зависници од наркотици во земјата“, рече Ефшар.
Консумирањето алкохол и наркотици е забрането во Иран, но според официјалните податоци, околу 3.000 лица годишно го губат животот поради користење наркотици. Според неофицијални податоци, се претпоставува дека оваа бројка е уште поголема.
Според извештаите на Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за борба против наркотични средства, во целиот европски континент се консумираат 19 отсто од сите наркотични средства произведени во светот, по кој следува Иран каде што се консумираат 15 отсто од сите произведени наркотични средства во светот. Борбата против наркотици е меѓу основните проблеми на оваа земја.