Ekipa
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денеска препорача дневен преглед и ревизии на ограничувањата за патување за да се спречи ширењето на новата варијанта на коронавирусот Омикрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Повторно се соочуваме со загрижувачка епидемиолошка состојба“, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Киријакидес, на прес-конференција на која ги презентира најновите упатства на извршното тело на ЕУ за земјите членки на ЕУ во услови на нагло зголемени случаи на Ковид-19 и појавата на новата варијанта на вирусот низ земјите од Блокот.
Во новата изјава усвоена денеска, Европската комисија ги советува земјите на ЕУ да продолжат да ги држат своите граници отворени со дневни прегледи на патните ограничувања, да се координираат меѓу себе за да го следат евентуалното ширење на новата варијанта и да останат подготвени за сите потребни контроли.
„Секој ден е важен во оваа ситуација“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија.
Таа појасни дека Блокот се соочува со двоен предизвик, со наплив на случаи на варијантата Делта придружени со зголемени хоспитализации, како и преоптоварувања во лабораториите со барања за тестови, додека новата варијанта Омикрон е откриена во ЕУ.
„Се надеваме на најдобро, подготвени сме за најлошо“, изјави таа.
Европската институција, исто така, ги повика националните влади да ги зајакнат нивните напори за надминување на отпорот во однос на вакцините, како и за аплицирање на бустер дози во период од максимум девет месеци по првата серија вакцинации.
„Шеесет и шест отсто од вкупната популација на ЕУ не е целосно вакцинирана, така што сè уште треба да продолжиме со целосно вакцинирање, а исто така, и со бустер дозите“, појасни Киријакидес.
„Од 13 декември, вакцините на „Фајзер“/„БајоНТех“, развиени за деца на возраст од 5 до 12 години, ќе бидат достапни за земјите од ЕУ“, објави Европската комисија.