Ekip
05 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија (ЕУ) ќе ги поддржи сириските бегалци и домаќин-заедниците во Либан и Јордан со 130 милиони евра (155 милиони долари), се соопштува од Блокот, јавува Агенција Анадолија (АА)
Европската Унија одобри пакет од 130 милиони евра за помош на сириските бегалци и локалните домаќин-заедници во Либан и Јордан, за обезбедување социјална заштита, здравствена нега, образование и санирање.
Либан ќе добие 98 милиони евра, додека Јордан, 32 милиони евра.
Поддршката е исто така со цел да се помогне во вакцинацијата против Ковид-19 во Либан, како и за помош во реконструкцијата на областа кај пристаништето во Бејрут, кое минатата година во август беше уништено по експлозијата која се случи, а која имаше последици за домаќин-заедницата и сириските бегалци.
„Европската Унија ќе продолжи да прави сѐ што е во можност за да го поддржи сирискиот народ, сириското граѓанско општество, сириските бегалци и нивните домаќин-заедници во соседните земји. Тие заслужуваат посветла, побезбедна и попросперитетна иднина“, изјави во соопштението шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеп Борел.
Тој исто така истакна дека на 15 март оваа година ќе се одбележат десет години од почетокот на сириската криза. „Трагична годишнина, онаа која би било подобро да ја немаме“, изјави тој.
На 29 и 30 март, Блокот ќе биде домаќин на Петтата донаторска конференција за „поддршка на иднината на Сирија и регионот“.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Според податоците на ОН, стотици илјади луѓе оттогаш се убиени, а повеќе од 10 милиони се раселени.