Elena Teslova
21 Јуни 2024•Ажурирај: 24 Јуни 2024
МОСКВА (АА) - Претседателката на Молдавија, Маја Санду, денес објави дека потпишала декрет за почеток на преговорите за пристапување на земјата во Европската Унија, јавува Анадолу.
„Денеска потпишав декрет за почеток на преговорите за пристапување на Молдавија во Европската Унија. Молдавија ги спроведе сите препораки на Европската комисија“, напиша Санду на Фејсбук по состанокот на Националната комисија за европска интеграција.
Таа напомена дека пристапните преговори ќе започнат на 25 јуни на првата меѓувладина конференција Молдавија-ЕУ, две години откако доби кандидатски статус.
За главен преговарач од Молдавија е назначена вицепремиерката за евроинтеграции Кристина Герасимов.
Санду рече дека очекува Молдавија да стане земја членка на ЕУ до 2030 година.
„Илјадници луѓе во владините институции стојат зад напорите за модернизација на земјата, а работата на секој од нив има одлучувачко влијание врз постигнувањето на целта на нашата земја да ја подготви Молдавија за членство во ЕУ до 2030 година.“
Интеграцијата во ЕУ е „единствениот пат за развој (за Молдавија), благодарение на кој ќе се обезбеди мир, просперитет и подобар живот за сите граѓани“, истакна Санду.
На почетокот на јуни, Европската комисија препорача почеток на преговорите за пристапување на Молдавија и Украина во 27-члениот блок.