Dejan Maksimoviç
10 Ноември 2016•Ажурирај: 11 Ноември 2016
ЛИСАБОН (АА) - Кристијано Роналдо, еден од најдобрите фудбалери на денешницата и голем фаворит за освојување на овогодишната Златна топка, како капитен на репрезентацијата на Португалија имаше право на глас во изборот за најдобар тренер за 2016 година. Меѓу десетте најдобри тренери се наоѓаат двајцата тренери на Роналдо, Фернандо Сантос, селекторот на Португалија и Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид. Роналдо имаше тежок избор, но откри дека гласал за својот сонародник од клупата на Португалија, со кој ја освоил титулата шампион на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Двајцата тренери имаа многу успешна 2016 година. Додека Сантос стигна до титулата шампион на стариот континент на репрезентативно ниво, на Зидан тоа му појде од рака во клубот, со освојувањето на Лигата на шампиони со Реал. И на двајцата на патот до врвот им помогна токму Роналдо.
„Очигледно е дека моите двајца тренери направија феноменална работа, и Зинедин Зидан и Фернандо Сантос. Сепак, по мое мислење, многу потешко беше да се освои Европското првенство за првпат во историјата на Португалија. Зидан направи фантастични работи, но морам да дадам предност на некого. Овој пат, предноста е малку на страната на Сантос. Мојата одлука не се заснова на нашиот однос, односот и со двајцата е прекрасен. Мислам дека и тие би постапиле исто“, изјави вчера Роналдо за португалските медиуми.
Гала вечерта на Светската фудбалска федерација (ФИФА), на која ќе бидат доделени наградите за најдобрите поединци за годината што изминува, ќе се одржи на 9. јануари 2017 година, во Цирих.