Gözde Bayar
20 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Како резултат на интензивирањето на борбата на Турција против терористите, безбедносните сили ја започнаа деветтата и десеттата фаза на антитерористичката операција во рамките на земјата, соопшти турското Министерство за внатрешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Операцијата „Киран 9“ се одвива во подрачјето на планината Џуди во источната област Ширнак, додека „Киран 10“ започна во долината Казан во источната турска област Хакќари.
Во операцијата учествуваат 1.990 припадници на безбедносниот персонал, вклучувајќи ја жандармеријата и полициските сили.
Турција на 17 август оваа година ја започна операцијата „Киран“ во југоисточниот дел на земјата, насочена против терористите на ЈПГ/ПКК во областите Ван, Хакќари и Ширнак. Десет дена подоцна во областите Мардин, Ширнак и Батман е започната и операцијата „Киран 2“. Потоа следат уште осум фази од операцијата, вклучително и операциите Киран-9 и Киран-10.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.